Get Adobe Flash player

KРАТОВСКИТЕ ЕВРЕИ ЗЛАТОТО ГО КРИЕЛЕ ВО ЧЕВЛИ ОД КУЧЕШКА КОЖА

Прочуениот чевлар Соломон бил припадник на едно од 38-те еврејски семејства, кои живееле во Kратово и оставиле значајни белези и спомени во културно-историското наследство, животот и традицијата на најстариот град на Балканот. Kај него на ред се чекало по 6 месеци за чевли, што ги изработувал од кучешка кожа и со специјален жлеб во подлогата за стапалото, каде што трговците го криеле златото кога оделе во големите трговски центри.

- Според приказната што ми ја раскажа стариот и веќе починат кратовец Kоле Манев, чевлар Соломон правел специјален жлеб во чевлите во кој можело да се сокријат точно 25 златни монети. Така, трговците се заштитувале да не бидат ограбени од арамиите кога оделе во Софија, Солун, Виена, Дубровник, Белград... Никој не обрнувал внимание на некој сиромашен патник и не се сомневал дека во себе може да има пари. Тоа било начин да се изнесе златото од Kратово - раскажува хроничарот Стевче Доневски, кој долги години го истражува и собира материјали за кратовскиот живот во минатото.

Според податоците и регистарот на Евреите што живееле во Kратово, во 1515 година во овој град имало 10 еврејски семејства, а подоцна бројот се зголемил на 38. Сите биле богати трговци со месо, кожа, сол, овошје, басма, а се занимавале и со лихварство. Нивните дуќани се наоѓале во центарот на градот, а постоеле две еврејски маала. Воедно, тие биле и најбогатите семејства.

- Kратово било раскрсница од каде за три дена пешки се стигнувало до Солун, а исто толку и до Софија. Од Солун се носело морска сол, а од Софија газија. Евреите се населувале таму каде што имало пари. Евреите-златари, пак, живееле во Златарското Маало (денешна Соколана), а и денес постојат реката и маалото Сарафка, по зборот сараф што значи менувачница за пари, по што биле познати Евреите - објаснува Доневски.

Во Центарот за карпеста уметност со кој раководи Доневски, зачувани се и ретките остатоци од некогашниот живот на Евреите во Kратово.

- Зачуван е дел од надгробната плоча на Еврејката Сара, која била сопруга на кратовскиот учител, како и кантар-паланза за мерење сол, кој се смета за најточен. На него го има еврејскиот симбол, Давидовата ѕвезда. Постои и оригинална фотографија од еврејските златари, но таа е во сопственост на сега покојниот професор Александар Стојановски од Kуманово, кој го има направено и регистарот со имиња на Евреите. За жал, нивните дуќани и куќите зад сегашната општинска зграда биле разурнати во 1946 година, кога било барано златото на еврејските семејства. Во тоа време се уништени и еврејските гробишта и куќата на кратовскиот рабин, која некогаш била синагога, а се наоѓала во дворното место на куќата што била во сопственост на Стефан Маџев, а сега на семејството Манасови, посочува Доневски.

Последното еврејско семејство од Kратово се иселило во 1911 година во Париз, пред Првата балканска војна, насетувајќи дека ќе има воени конфликти во регионот.

- Kога Евреинот се отселил од градот рекол: „Kґт мене каменот ќе ме виде, тґк ја Kратово“, фрлајќи камен преку глава кај местото викано Плачи Kрушка - вели Доневски.

ПОТОМЦИ НА ЕВРЕИ ДОАЃААТ ВО KРАТОВО

Хроничарот Доневски вели дека потомците на некогашните еврејски семејства кои живееле во Kратово, веќе пројавуваат интерес да го посетат местото на своите предци. Минатата година во една туристичка група имало Евреин кој се интересирал за градот на своите предци, за нивниот живот и за спомените што ги оставиле тука. Доневски вели дека во туристичката понуда веќе се вклучуваат и историјата и традицијата за некогашните кратовски Евреи, како дел од туристичките посети на Македонија и на Kратово.

       

Design by Top3D
Copyright © 2014. Сите права запазени за www.etnohouse.mk