Get Adobe Flash player

Посетител со лежипед

Лежипед како што може да се види од сликата лево е велосипед кој се вози во легната положба. Меѓу посетителите на Шанчева куќа е и еден авантурист кој со својот лежипед крстари низ Македонија. При неговата посета на Кратово престојува и во етно куќата Шанчева и еве ги неговите импресии.

Се радував што сум во Кратово. Апсолутно ми е непознат град. Никогаш не сум бил досега. Немав многу време до стемнување па затоа се потрудив да видам што повеќе. Од брзање немав ни можност да посветам внимание на секој објект посебно, а во случај со Кратово тоа ми е особено криво. Измешани емоции.

Положбата на градбите, куќите, улиците. Чувството меѓу нив е преубаво. Единствено што ми засмета е лошото одржување на градот. Се гледа дека некогаш бил богат и со луѓе и со средства. Сега, барем јас така го почувствував, како запоставен. Фасадите, бандерите, шахтите, непроменети повеќе децении. Све ми се виде поправано -недоправено. Најмогу ме зачудија бандерите. Не можеш да фатиш кадар да сликаш без да во него има најмалку еден кабел кој виси од некоја бандера. 

Вечерав Кратовска пастрмајлија со чадено месо и се прибрав да се одморам. А таму каде се одморав е приказна за себе.

Шанчева куќа. стара околу 300 години, во поново време со реновирана надворешност. Се користи како хостел за патници намерници кои сакаат да го почувствуваат животот на старо Кратово. Внатрешноста е уникатна. Мирисот, звуците на дрвените скали, вратите, прозорците. Се е од друго време, од друг живот.

Се радував на преноќувањето се додека не ми кажаа дека вечерта освен мене нема да има никој друг во куќата. Хмм. Сам. Во куќа стара 300 години! Па какви се звуци нема таа куќа да произведува навечер. Се ближеше 22 часот, а јас полека се спремав за спиење со начулени уши. Заѕвони телефонот. Сепак ќе дошле уште двајца да преноќат таа вечер. Мајстори кои работеле на фасада на некоја црква. Ех. Малку и ми стана криво што не останав сам. Заспав.

Станав порано затоа што дента имав за возење околу 130 километри. Се радував на утрото. Беше ладно, но ме чекаше најубавиот дел од посетата на Шанчева куќа.

Не можам да го опишам задоволството на кафеџија како мене, да пие кафе рано насабајле во кујна како оваа. Уште кога ја отворив вратата ме обзема мирис на к’цана сол, свежо нане, турско кафе, дрвен под, мебел, векови. Убавини.

Си приставив кафе и на телефонот ја проверував рутата на патот за дента. Со кафето ги читав апдејтите на Снежана Радојчиќ  која што деновиве вози низ Непал, Анапурна. Го споредував нејзиниот потфат со моите микро патешествија. Сам, на пат. Размислував.

Се поздравив со Кратово.

 

 

       

Design by Top3D
Copyright © 2014. Сите права запазени за www.etnohouse.mk