Get Adobe Flash player

Сместување во нашата етно куќа

Уште при влезот во ходникот во Шанчева куќа го чувствуваме кратовското добредојде – секаде е постелено со најубавите и најшарените прекривки, килими и черги. На ѕидот на левата страна погледот ни го привлекуваат неколкуте стари фотографии на некогашните сопственици на куќата. Куќниот параклис на заштитникот на куќата, свети Ѓорги Кратовски, дополнително влева сигурност, доверба и љубов на секој гостин. Во куќата се наоѓаат просториите што се приспособени и се уредени во автентичниот стил на една пристојна, топла и домаќинска куќа. Посетителот останува заробен од мирисите и од боите на времето што поминало. Во куќата има една мала просторија, наречена чајна соба, којашто е преполна со разни ароматични и лековити билки од кои на гостите им се подготвува чај засладен со природен мед од кратовскиот крај. Кој што сака нека избере: нане, мајчина душица, ноктец, повечерка, ајдучка трева, кантарион... На вториот кат се стигнува по дрвените скали постелени со шарени ткаени черги. Ходникот за прием на гостите води до трите соби за престој на гостите. Стари ќумбиња, голема дрвена маса со рачно плетен чаршав, а на дрвените ормари се закачени отмени староградски облеки. Во ќошот на ходникот се наоѓа една рачноправена дрвена лулка што буди нов живот и нова среќа во душата на гостинот. Колку ли тајни крие оваа куќа? Секое делче дише и шири некоја таинствена среќа од која затреперува душата. Човек да посака да се роди во ваква куќа! И еве, се раѓаат зборови. Постојат нешта што не можат така лесно да се претворат во збор. И зборот понекогаш е претесен. Погледот од балконот на куќата го открива малото кратовско царство и може да се ужива во раскошната глетка исполнета со бои, звуци и мириси. Она што во книгите сме го читале за животот во минатото или, пак, ни раскажувале бабите и дедовците за нивното време, можеме да го пронајдеме во Шанчева куќа: домашно вино и домашна храна, шолја чај за добро здравје, филџан кафе со локум или слатко од цреши со чаша вода послужени за добредојде. Во секој дел од Шанчева куќа се забележува големата љубов и вредните раце на семејството Доневски кои ја продолжуваат традицијата сакајќи да им угодат на гостите да имаат пријатен и удобен престој. Всушност, некогашните гости повторно доаѓаат, но како во свој дом, како вистински пријатели што долго се познаваат. Се радуваат домаќините, се радуваат гостите, и чиниш, и Шанчева куќа се радува. Насмевките на честите посетители го потврдуваат тоа. Ветуваат дека повторно ќе наминат. Ете, токму затоа Шанчева куќа е убава во сите годишни времиња и секогаш. Со љубов!

       

Design by Top3D
Copyright © 2014. Сите права запазени за www.etnohouse.mk