Get Adobe Flash player

Нашата Етно Збирка

Во центарот на Кратово, во најубавата маала Скопска, скриена меѓу тесните калдрми, гордо се извишува куќата   Шанчевa, изградена во 1921 година. Сместена е во близина на старите кули и со својот изглед го враќа времето што останало зад нас. Љубопитноста на окото на посетителот ја буди душата да ги оживува минатите моменти со што на куќата ѝ се дава нова боја додека се замислува семејството што живеело во Шанчева куќа во минатото и нивниот живот исполнет со топлиот и пријателски кратовски говор. Портата е ширум отворена. Дворот е простран да ги дочека сите добри намерници, што случајно или не, патот ги довел пред вратите на Шанчева куќа. Гостопримливоста и грижливоста на домаќинот и на домаќинката на куќата се забележуваат во уредениот простор, којшто е пријатно место за споделување нови доживувања при престојот на гостите. Неколкуте мачки во дворот ги пречекуваат гостите и се плеткаат во чекорот на посетителите очекувајќи внимание. Меѓу нив особено се истакнува Мeчо, најсилниот и најличниот мачор во маалото, што сака да се гали и да си игра, покажувајќи дека тој е главниот во куќата. 

На најдолниот кат на куќата се наоѓа изложбената поставка на семејниот винарски подрум. Зад отворената стара дрвена врата се кријат илјадници стари куќни предмети што грижливо се собирани и се одржувани. Визбата е преполна со дреболии, предмети од материјалната култура кои во себе носат колективен, емоционален и судбински печат: бочви со вино и со ракија, алати на мајсторите на старите занаети, предмети од домаќинствата, бовчи, разни железни и глинени предмети, потковици, кантари, алати за обработка на земјата, плетени кошеви, кожи, стари пари, фотографии, примероци од рударски камења и други интересни стари нешта. Меѓу нив се наоѓа тркалото колесник што сведочи дека времето постојано тече, дека се менувала историјата, но борбата за подобар живот продолжува да ја освојува иднината на генерациите и нивниот современ начин на живеење. Овие предмети постојат за да нè охрабрат дека треба да бидеме горди на корените на нашите дедовци. Се разбира, тука најголемата улога ја има домаќинот Стевче Доневски којшто секогаш е расположен да раскажува интересни приказни поврзани со предметите и да ги повторува старите зборови за да нè ги заборавиме: ќускија, пирустија, ѕ’мба, сантрач, утија, тревоњче, букла, саџак, чекр’к, вериги, клашна...

 

 

       

Design by Top3D
Copyright © 2014. Сите права запазени за www.etnohouse.mk