Get Adobe Flash player

Добредојдовте на нашиот вебсајт и во нашата етно куќа ШАНЧЕВА


Градот на древностите, Кратово, средновековните кули и мостови, својот автентичен белег и средновековен изглед го надополнува со староградската архитектура на типичната македонска куќа. Зачуваните стари градби се уште го красат древниот град, а сите добронамерници ги нарекуваат куќи за восхит. Иако нагризани од забот на времето, староградските куќи и денес се вредно архитектонско обележје, каде кратовските мајстори го потврдиле неповторливиот усет за практичното и естетското со поврзување на традиционалниот живот на луѓето. Кај типичната кратовска куќа доминираат каменот, дрвената конструкција, пересте и плитар, кои им овозможуваат еластичност и цврстина на градбите. Стреите и таваните биле украсувани со декоративни штички, а посебно облежје се чардаците од кои зависел и обликот на куќата. Вратите, пак, кои биле еднокрилни и двокрилни, се најубавите и најобработени детаљи во староградската кратовска архитектура. Секоја кратовка куќа во минатото имала и бања за капење(амам), како и посебна просторија за огниште, кое служело за затоплување и приготвување на храна. Собите, чардаците, балконите и миндерите се опшани и од познатите патеписци Евлија Челеби и Ами Буе. Збиени една до друга во тесните сокаци, тие биле вистинско национално архитектонско богатство, полно со орнаментика, но многу од нив веќе се урнисани и денес не постојат или се пред распаѓање. Најпознати стари стилски градби се Спаиковата куќа, која претставува бисер на староградската македонската архитектура, куќата Сарај, куќите на Гичевци, Граматиковци, Ѓурѓинчеви, или Шанчева на Јосиф Даскалов (заштитена со закон), на Ефрем Каранов, Манасовата, Пазаванската и други куќи. Најпознати кратовски тајфи кои ги граделе вредните гради се Шлеговската, Крилатичката, Таласманската и Страцинската тајфа мајстори. Денес, Ѓургинчевата, или попозната меѓу Кратовци како Шанчева куќа, е првата етно куќа во Осоговскиот регион, а нејзините порти од неодамна се отворени за посетителите. Нејзиниот сопственик Стевче Доневски ја обновува во оригиналниот градителски стил и изглед на типичната кратовска куќа, без промена на внатрешното уредување. Собите се опремени со препознатливиот староградски мебел и други зачувани старини. Сместена во стариот дел на градот, во близина на Срезката кула, туристите во неа можат да го почувствуват духот на некогашниот кратовски градски живот. Покрај стари предмети и експонати, има и вински подрум каде, покрај кратовска ракија и вино, се сместени и бројни артефакти од богатото кратовско наследство. Во неа странските и домашни посетители можат да ја почувствуваат домашната атмосфера, но и сами да приготвуваат традиционални јадења од Осоговскиот регион, како к´цана сол, слатко од смокви и сливи, пинџур, лутеница и други автентични специјалитети.

  • image
  • image
  • image
  • image
  • image
  • image
  • image
  • image
  • image
  • image
  • image
  • image
  • image
  • image
  • image
  • image
  • image
  • image
  • image
  • image

       

Design by Top3D
Copyright © 2014. Сите права запазени за www.etnohouse.mk